Проектот „Предизвици и можности за руралната жена“ е помеѓу деветте наградени проекти кои се финансирани во рамките на Конкурсот за доделување грантови на граѓански организации во областа на претприемништвото за млади за 2015 година објавен од страна на Мрежата за поддршка на млади претприемачи.
Главната цел на проектот “Предизвици и можности за руралната жена” е поттикнување и промовирање на женското рурално претприемништво, бизнис иницијативи и самовработување кај младите невработени жени, на локално/рурално ниво. Предвидени се обуки, размена на искуства, организација на етно-базар и изработка на веб страна за промоција од областа.
Проектот се имплементира од страна на Здружението Конечанка, Конче во партнерство со Асоцијација за унапредување на статусот на жената во Македонија „Женска акција“ Радовиш.
Во рамките на проектот беа реализирани следните активности:
- Трибина на тема: „Учеството на руралната жена во локалниот економски развој: Предизвици и можности“.
На трибината учествуваа околу 55 жени од општина Конче и голем број претставници од Единицата на локаланата самоуправа на општина Конче и други граѓани од општината. Свое обраќање пред присутните имаа: градоначалникот на општина Конче г-нот Благој Јованов, претставници од партнерската организација Женска акција Радовиш, директорката на Фондацијата МИР. Координаторот на проектот г-нот Златко Јанкулов преку своја презентација ги запозна присутните со целите на проектот и предвидените активности.
- Одржување на интерактивни обуки
Обуките се спроведоа во четири дена при што се обработија следните модули:
- Значење на претприемништвото
- Можности за развој на претприемништво и самовработување во рурална средина
Усогласување на семејните со бизнис обврските
- Претприемачки карактеристики
- Вовед во планирање на Бизнисот
· Елементи на Бизнис Идеја/Маркетинг план
· Потребни средства/финансии
Обуката беше спроведена од страна на Агроконсалтинг Плус претставувана од Драган Ристовски и Димче Митрески, експерти од областа на руралниот развој и вработувањето.
- Посета на успешна жена претприемач
На 19 јули 23 жени учеснички во проектот беа во посета на 3 успешни жени претприемачи. При посетата имаа можност да слушнат повеќе за почетоците, предизвиците и искуствата на Тања од Раброво која работи како фризер, Македонка од Марвинци која има оранжерии на зеленчук и Велика од Негорци која е производител на цвеќе. Оваа посета предизвика голем интерес за поттикнување и реализација на слична бизнис идеја.